Викторија Зерзева (21), која во Македонија е осудена на пет години затвор поради сообраќајна несреќа со една жртва кај Росоман, нема да биде екстрадирана од Германија. Германските власти го одбиле барањето за нејзино испорачување, наведувајќи дека условите во женските затвори во Северна Македонија не ги исполнуваат стандардите утврдени со Европската конвенција за човекови права.
Зерзева била лоцирана во Германија, каде што престојувала и живеела, по што била уапсена и сместена во имиграциски притвор. Преку Министерството за правда, македонските власти побарале нејзина екстрадиција, но германската страна одговорила дека испорачувањето не е дозволено поради условите во затворските установи во кои би требало да биде сместена.
Од Министерството за правда ја потврдиле одлуката на германските власти.
„Владата на Сојузна Република Германија го одби барањето за екстрадиција на горенаведеното лице од Германија во Северна Македонија, заради кривично гонење за делото што е предмет на налогот за апсење на Основниот суд Кавадарци од 19 август 2025 година, со референтен број КСП бр. 17/25. Надлежниот Виш покраински суд ја прогласи екстрадицијата за недозволена од причини поврзани со внатрешното право. Судот смета дека не се обезбедени услови за сместување во притвор во Казнено-поправната установа Скопје, како и во случај на подоцнежна правосилна осудителна пресуда, во Казнено-поправната установа Идризово, кои би ги исполнувале барањата на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи од 4 ноември 1950 година“, соопштија од Министерството.
Сообраќајката се случила кај Рибарци, во близина на Росоман
Несреќата за која Зерзева беше осудена се случила на 5 ноември 2024 година, во близина на селото Рибарци, во Општина Росоман.
Околу 8:45 часот, на регионалниот пат Кавадарци – Росоман, автомобилот „сеат“, управуван од Зерзева, удрил во возило „опел“. Во несреќата животот го загубил Марјан Петровски (40) од Велес, кој бил сопатник во „опелот“.
Возачот на „опелот“ и 18-годишната сопатничка во автомобилот на Зерзева се здобиле со тешки телесни повреди.
Зерзева имала 18 години во моментот на несреќата. Резултатите од анализите на крвта и урината покажале дека не била под дејство на алкохол или опојни дроги. Според утврденото во постапката, таа возела со брзина несоодветна на условите, преминала на спротивната сообраќајна лента и ја предизвикала несреќата.
Поради тоа, Основниот суд во Кавадарци ја прогласил за виновна.
Правосилна казна од пет години затвор
Пресудата во меѓувреме станала правосилна. Покрај затворската казна од пет години, на Зерзева ѝ е изречена и забрана за управување со возило од Б-категорија во времетраење од една година.
„Пресудата во меѓувреме стана правосилна, пет години затвор и забрана за управување на возило од Б категорија во период од една година“, соопштија од Основното јавно обвинителство Кавадарци.
Одлуката на германските власти значи дека барањето за нејзина екстрадиција во Македонија е одбиено поради оценката на надлежниот германски суд за условите во установите во кои таа би била сместена, односно во притвор во Казнено-поправната установа Скопје или, доколку пресудата се извршува, во затворот „Идризово“.






