Полицијата истражува инцидент што се случил во Куманово, откако во двор на семејна куќа била фрлена експлозивна направа.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 28 јули околу 14:35 часот од 30-годишен жител на Куманово. Тој пријавил дека во дворот од неговиот дом на улицата „Бајрам Шабани“ била фрлена експлозивна направа.
По пријавата, полициски екипи извршиле увид на местото. На терасата од куќата била пронајдена експлозивната направа, додека во дворот била откриена безбедносна рачка за која се претпоставува дека потекнува од истото експлозивно средство.
На терен интервенирала и Единицата за откривање и деминирање на експлозивни средства при МВР, која безбедно ја подигнала направата и ја предала на понатамошна анализа и вештачење.
Од МВР информираат дека се преземаат сите неопходни мерки за целосно расчистување на случајот, како и за откривање на лицето или лицата кои стојат зад инцидентот.







