Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави значајни измени во законите со цел поефикасна борба против семејното насилство. Според новите предлог-мерки, полицијата ќе може веднаш да реагира и да го отстрани насилникот од домот – без да чека согласност од жртвата.
Ова беше истакнато на надзорната расправа во Комисија за еднакви можности на жените и мажите, каде фокусот беше ставен на превенцијата и заштитата од семејно насилство.
Според најавите, полициски службеник ќе може, врз основа на проценка на ризик и при утврдена непосредна опасност, да изрече итна заштитна мерка – отстранување на сторителот од домот, забрана за приближување и контакт со жртвата. Оваа мерка ќе важи до 48 часа, по што судот ќе одлучи дали ќе ја продолжи до 30 дена, во согласност со Истанбулска конвенција.
Дополнително, се работи и на воведување „боди-камери“ за полициските службеници, со цел подобро документирање на интервенциите и намалување на можностите за различни толкувања на настаните.
Тошковски нагласи дека институциите конечно почнуваат посериозно да пристапуваат кон овој долгогодишен проблем, кој досега често бил третиран со задоцнета реакција и без доволна координација.
Со овие измени, целта е побрза заштита на жртвите и поодлучна реакција на државата во случаи на семејно насилство.






