Со поставување на камен-темелникот за новиот маркет на „Лидл“ во Струмица, официјално започна реализацијата на еден од најголемите трговски проекти во Македонија, вреден околу 200 милиони евра.
На свеченоста присуствуваше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој истакна дека доаѓањето на еден од најголемите светски трговски синџири претставува силна порака дека Македонија станува сè поатрактивна дестинација за странски инвестиции.
Тој посочи дека локацијата која до неодамна била празен простор, наскоро ќе прерасне во современ трговски објект и ќе придонесе за развојот на Струмица и целиот регион. Според него, Владата продолжува активно да работи на привлекување нови инвеститори, отворање работни места и создавање подобри услови за економски раст.
Николоски нагласи дека инвестицијата од околу 200 милиони евра има големо значење за македонската економија и отвора можности за домашните компании, особено за земјоделските производители од струмичкиот регион. Тој изрази очекување дека квалитетните домашни производи ќе се најдат не само на полиците на маркетите во Македонија, туку и во продавниците на „Лидл“ во други земји, што би значело сигурен пласман и нови пазари за македонските производители.
Дополнително, Владата веќе направила измени во правилникот за урбанистичко планирање со цел да се забрза реализацијата на големи инвестиции и да се поедностават административните процедури.
Според најавите, доколку изградбата се одвива според планираната динамика, првите маркети на „Лидл“ во Македонија би можеле да ги отворат своите врати околу новогодишните празници.





