Вангелица Илиевска (36) од Кратово, која според наводите со години била жртва на семејно насилство, денеска во Основниот суд во Куманово беше осудена на единствена казна затвор од седум години и шест месеци за двојното убиство на сопругот и свекорот извршено во јуни 2024 година. Судот ѝ го продолжи куќниот притвор до правосилноста на пресудата.
Во текот на постапката, обвинителството го преквалификувало делото од убиство со умисла во „убиство на миг“, повикувајќи се на супервештачење од Клиниката за психијатрија во Скопје. Според наодите, Илиевска делувала во состојба на силна раздразнетост и страв за сопствената безбедност, откако била нападната од сопругот.
Судечкиот судија Саша Ѓорѓевиќ при изрекувањето на пресудата истакнал дека семејното насилство станува сè почеста појава и дека институциите мора поодлучно да реагираат за заштита на жртвите. Во конкретниот случај, според него, „сите се жртви“.
Советот на судот за двете кривични дела „убиство на миг“ ѝ изрекол по 4 години и 6 месеци затвор, а потоа единствена казна од 7 години и 6 месеци, во која ќе се пресмета и времето поминато во притвор.
По изрекувањето на пресудата, сестрата и ќерката на загинатите реагирала дека „нема правда“ и ја напуштила судницата. Обвинетата, пак, расплакана изјавила дека уште седум години нема да ги види своите деца, кои во моментов живеат кај нивната тетка во Кратово.
Нејзиниот адвокат најави можност за жалба, наведувајќи дека одбраната цело време се обидувала да докаже дека станувало збор за нужна одбрана и дека институциите не реагирале и покрај повеќекратните пријави за насилство.
Според обвинението, трагичниот настан се случил во семејниот дом кога расправија прераснала во физички напад врз Илиевска, по што таа со нож ги нападнала сопругот и свекорот, кои подоцна починале од здобиените повреди.








