Велес е следната станица на спортскиот караван „Ден на спортот“, кој се одржува во рамките на Плазма Спортски игри за млади. Овој настан има за цел да им овозможи на сите деца бесплатен пристап до спорт и да ги мотивира да водат активен и здрав живот.
Манифестацијата, која за првпат годинава се организира во Македонија, важи за една од најголемите аматерски спортски платформи во Европа со традиција подолга од три децении. Настанот во Велес ќе се одржи на 28 мај со почеток во 10 часот, а собирното место е гимназијата Кочо Рацин.
На отворањето се очекува присуство на повеќе значајни личности, меѓу кои и Елена Мицковска, градоначалникот Марко Колев и ракометната легенда Пепи Манасков.
Учесниците ќе имаат можност да се натпреваруваат во десет спортски дисциплини, вклучувајќи мал фудбал, тенис, пинг-понг, атлетика, баскет 3×3, ракомет, шах и одбојка. Настанот е отворен за сите деца и млади, без разлика дали активно се занимаваат со спорт.
По успешните изданија во Скопје, Куманово, Штип и Струмица, спортската иницијатива продолжува да шири позитивна енергија и порака за подобра иднина.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат и да бидат дел од овој спортски празник, исполнет со дружење, фер-плеј и незаборавни моменти.







