Во Велес синоќа избувнал пожар во семејна куќа на улицата „Глигор Прличев“, при што огнените јазици ја зафатиле дневната соба.
Дојавата во Територијалната противпожарна единица Велес била примена во 19:08 часот, по што на местото веднаш биле испратени едно противпожарно возило и тројца пожарникари.
Кога екипата пристигнала, пожарот веќе бил во развиена фаза во дневната соба. Со брзата интервенција пожарникарите успеале да го локализираат и целосно да го изгаснат огнот пред тој да се прошири кон останатите простории.
На тој начин било спречено пламенот да зафати поголем дел од семејната куќа и да предизвика уште поголема материјална штета.
Од ТППЕ Велес повторно апелираат до граѓаните на зголемена внимателност, особено во периоди на високи температури и суша, кога опасноста од брзо ширење на пожарите е значително поголема.
Граѓаните кои ќе забележат пожар треба веднаш да го пријават на бесплатните телефонски броеви 193 или 112.







