Брзата интервенција на тетовската полиција спречила посериозен инцидент откако 22-годишен тетовец, кој бил под дејство на алкохол и носел пиштол, се обидел да изврши разбојништво во угостителски објект во градот.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека вчера околу 16:00 часот на улицата „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Х.Д.(22) од Тетово. При извршениот преглед кај него бил пронајден и одземен гасен пиштол, а алкотестирањето покажало дека бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,35 промили алкохол во крвта.
Според пријавата, претходно во СВР Тетово, 38-годишниот А.И. пријавил дека околу 15:30 часот, додека бил на своето работно место во угостителски објект, младиот тетовец влегол во локалот и со закана со пиштол побарал да му бидат предадени парите.
Кога вработениот одбил да ги даде парите и му рекол да го напушти објектот, ситуацијата брзо ескалирала во физичка пресметка. Според пријавеното, осомничениот го удрил вработениот во пределот на главата со кундакот од пиштолот.
По инцидентот, осомничениот избегал од местото на настанот, но по преземените оперативни мерки и активности, полицијата брзо го лоцирала и го привела.
Од МВР посочија дека лицето е задржано во полициска станица, а по целосното расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.









