32-годишен жител на Тетово е приведен откако, според сомневањата на полицијата, среде бел ден се обидел со нож да изврши разбојништво во казино во градот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 15 јули околу 11:05 часот, кога осомничениот К.В. влегол во казино во Тетово и со закана со нож се обидел да изврши грабеж.
Полициски службеници брзо интервенирале и го лишиле од слобода осомничениот, по што бил спроведен во полициска станица.
По извршениот алкотест било утврдено дека мажот бил во алкохолизирана состојба, со 2,49 промили алкохол во крвта.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Надлежните продолжуваат со преземање мерки за целосно расчистување на сите околности поврзани со овој случај.




