Во одлична спортска атмосфера помина четвртото издание на Меморијалниот тениски турнир „Трајче Црвенпанов – Црвен“, натпреварување кое од година во година прераснува во препознатлив спортски настан и традиција.

Титулата оваа година повторно му припадна на Костадин Петров, кој успеа да го одбрани трофејот освоен минатата година. Во финалниот натпревар Петров одигра сигурно и со 2:0 во сетови (6:1, 6:4) стигна до нова турнирска победа.


Во мечот за третото место, Влатко Јаковлевски со резултат 2:0 во сетови го совлада Дарко Пајков и го освои третото место на овогодинешното издание.

Турнирот се игра во чест на Трајче Црвенпанов – Црвен, еден од основоположниците и пионерите на тенисот во градот, човек кој остави значаен белег во развојот и популаризацијата на овој спорт. Токму преку овој меморијален турнир, неговите пријатели, колеги и љубители на тенисот продолжуваат да го негуваат споменот на Црвениот и неговиот придонес за тенисот.

Од организацискиот тим најавуваат дека традицијата продолжува и следната година, кога турнирот ќе го одбележи своето петто, јубилејно издание. За 5-годишнината се планира и проширување на турнирот, со покана за учество на тенисери од други градови, со што натпреварувањето би добило уште поголем карактер и би се отворило кон пошироката тениска заедница.

Четвртото издание и оваа година покажа дека споменот на Трајче Црвенпанов – Црвен продолжува да живее преку тенисот, спортското дружење и новите генерации кои ја продолжуваат тениската традиција.









