Од 1 јануари 2026 година стапува во сила новиот Закон за работно ангажирање, со кој пензионерите ќе можат повторно да работат – без да ја изгубат својата пензија. Освен тоа, за нив ќе се уплаќаат и пензиски придонеси, што значи дека нивната пензија може да се коригира и зголеми.
Овој закон им овозможува на пензионерите, студентите, невработените и дури и на лицата под 18 години да бидат повремено или сезонски вработени во различни сектори, како што се земјоделството, угостителството и домаќинствата.
„Целта е да се формализира неформалната работа и да се создадат флексибилни можности за дополнителен приход,“ стои во документот објавен во „Службен весник“.
Работодавачите ќе можат да ангажираат лица до 120 дена годишно (или 180 дена во земјоделството), а минималната плата ќе важи и за овие договори. Работниците ќе бидат целосно осигурани – со плаќање даноци и придонеси за пензиско и здравствено осигурување.
Заменик-министерот за социјална политика Ѓоко Велковски најави дека по локалните избори ќе се разгледа можноста пензионерите да можат да работат и во други дејности, без ограничувања.
Оваа мерка се гледа како чекор кон поголема флексибилност на пазарот на трудот и начин пензионерите да го зголемат својот приход, а истовремено да придонесат со своето искуство во различни сектори.