ПРВ.мк
Македонија

ПАРИТЕ ПОЧНАА ДА ЛЕГНУВААТ НА СМЕТКИТЕ: Проверете колку најмалку мора да ви исплати работодавачот за К-15!

ПАРИТЕ ПОЧНАА ДА ЛЕГНУВААТ НА СМЕТКИТЕ: Проверете колку најмалку мора да ви исплати работодавачот за К-15!

Компаниите од приватниот сектор веќе можат да започнат со исплатата на регресот за годишен одмор, попознат како К-15, а за 2026 година утврдениот минимален износ што треба да им биде исплатен на работниците изнесува 19.116 денари.

Овој минимален износ е пресметан врз основа на просечната нето-плата исплатена во февруари, март и април годинава, која достигнува околу 47.790 денари. Според важечките правила, регресот се определува во висина од 40 проценти од просечната нето-плата, што е предвидено со Општиот колективен договор за приватниот сектор.

Право на исплата на К-15 имаат сите вработени во приватниот сектор кои имаат најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај истиот работодавач во текот на календарската година. Покрај законски утврдениот минимум, работодавачите можат да исплатат и повисок износ доколку тоа е регулирано со колективен договор, интерен правилник или друга одлука на компанијата.

Во одредени ситуации, кога компанијата работи со загуба или се соочува со сериозни финансиски потешкотии, можно е да биде исплатен понизок регрес или работодавачот да биде ослободен од оваа обврска. Сепак, тоа е дозволено само ако се исполнети сите законски услови и ако постои соодветна документација и официјално донесени одлуки согласно важечките прописи.

Работодавачите кои нема да го исплатат законски предвидениот регрес ризикуваат инспекциски контроли и парични санкции. Од друга страна, работниците имаат право да поднесат претставка до Државниот инспекторат за труд или своите права да ги бараат преку надлежните судски институции.

Регресот за годишен одмор претставува законски загарантирано право кое произлегува од колективното договарање и важечките прописи од областа на работните односи, а неговата цел е да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за работниците во периодот на користење на годишниот одмор.

Најнови вести