ПРВ.мк
Македонија

ПАНИКА МЕЃУ РОДИЕТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА: Седмоодделенец објавил список со имиња и датуми за ликвидација на ученици и родители!

ПАНИКА МЕЃУ РОДИЕТЕЛИ ВО МАКЕДОНИЈА: Седмоодделенец објавил список со имиња и датуми за ликвидација на ученици и родители!

Сериозен инцидент ја вознемири јавноста во Битола откако ученик од седмо одделение во основното училиште „Стив Наумов“ на социјалната мрежа Тик-Ток објавил заканувачка содржина со список на соученици и нивни родители.

Според информациите, на списокот биле наведени имиња и презимиња, а покрај нив стоеле и датуми поврзани со наводна ликвидација, што предизвикало голем страв и вознемиреност кај родителите и учениците.

По објавата, родители на учениците реагирале и испратиле претставка до Државниот просветен инспекторат, барајќи итно постапување. Во меѓувреме, училиштето случајот го пријавило во Центарот за социјални работи, СВР Битола и во Подрачното одделение за образование.

Директорот на училиштето изјавил дека заканувачките содржини не биле објавени за време на наставата и не се случиле во училишните простории, но нагласил дека институцијата веднаш презела чекори согласно своите законски надлежности.

Според пишувањата на медиумите, ученикот претходно бил префрлен од едно во друго одделение со цел полесно да се вклопи во средината. Сепак, и покрај тоа, дошло до недоразбирања со новите соученици, по што реагирале и нивните родители. Набргу потоа, на социјалните мрежи се појавиле навредливи и заканувачки објави.

Поради сериозноста на ситуацијата, вчера бил одржан итен родителски состанок на кој родителите на останатите ученици побарале детето да биде преместено од одделението.

Од училиштето „Стив Наумов“ преку официјално соопштение информирале дека веднаш биле известени сите надлежни институции и дека се преземени мерки за заштита на учениците и стабилизирање на состојбата.

„Иако содржините не биле објавувани во рамките на училиштето, ниту за време на наставниот процес, по добиената претставка училиштето без одлагање ги извести Министерството за внатрешни работи, Центарот за социјални работи и подрачното одделение за образование, со цел случајот темелно да се испита и понатаму институционално да се постапува“, стои во дел од соопштението.

Оттаму додаваат дека се преземени активности за обезбедување сигурна и безбедна средина за учениците и вработените, а воедно апелираат јавноста да не шири непроверени информации, бидејќи станува збор за малолетни лица.

„Безбедноста и благосостојбата на учениците останува наш највисок приоритет и училиштето ќе продолжи да соработува со надлежните институции до целосно разрешување на случајот“, порачале од училиштето.

Според последните информации, родителите на ученикот кој ги објавувал заканите најавиле дека тој ќе биде преместен во друго училиште.