Во Македонија, за разлика од многу западни земји, не постои официјално пресметана минимална саатница. Иако се води дебата за потребата од нејзино воведување, реалноста е поразителна – работниот час во земјава вреди срамни 150 денари.
Економистите и синдикатите се согласуваат дека воспоставувањето на минимална саатница би можело значително да го подобри животниот стандард, особено за привремените и сезонски работници кои најчесто немаат редовни договори. Но засега, саатницата се добива со едноставна пресметка базирана на законски утврдената минимална плата од 24.400 денари, поделена на 168 работни часа месечно.
Тоа значи дека работниците кои се платени според минималец, реално добиваат околу 2,5 евра по час, што е далеку под европските стандарди. За споредба, во Германија, минималната саатница е 12,41 евра, а во голем дел од земјите во ЕУ, минималната месечна плата ретко паѓа под 800 евра.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за „Локално“ велат дека оваа состојба е двојно проблематична, бидејќи не само што платите се мали, туку и надоместоците за прекувремена работа или работа за празници се незначителни поради ниската основица.
„Излегува дека навистина е срамота да се каже колку е саатницата на еден работник во државата. Голем дел од работниците земаат минимална или плата поблиска до просечната. Освен тоа, износот на сите прекувремени и празнични дневници е многу мал бидејќи основицата е многу мала“, појаснуваат од ССМ.
Во моментот, работниците кои работат на државен празник имаат право на повисока дневница која варира од 50% до 250%, зависно од условите. Така, ако редовната дневница изнесува 1.000 денари, за работа на празник, таа треба да биде минимум 1.500 денари.
Но, реалноста покажува дека многумина не се ни свесни колку малку вреди нивниот работен час.
„Половина од работниците во државата не се ни свесни колку им е мала саатницата. Во приватниот сектор има повисоки плати затоа што работниците имаат многу прекувремени работни часови. Така излегува како еден работник да работи две работи. На пример, некој зема плата од 55 илјади денари, но работи 280 саати месечно. Ако останел на 168 часа, ќе земал под 30 илјади“, објаснуваат од ССМ.
Од таму додаваат дека воведувањето минимална плата по час би значело и подобра евиденција на прекувремената работа, како и праведно плаќање според навистина сработеното време. Досега, тоа најчесто останува на совеста на работодавачите.