Граѓаните на Охрид во наредниот период ќе се соочат со повисоки сметки за дел од основните комунални услуги. Според одлуките на Советот, услугите на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Билјанини Извори“, „Градски гробишта“ и „Охридски Комуналец“ ќе поскапат од 30 до 50 проценти.
Од владејачкото мнозинство и раководствата на претпријатијата велат дека зголемувањето е неопходно поради повисоките трошоци за гориво, материјали и плати. Според нив, корекцијата е потребна за стабилно функционирање на јавните претпријатија.
Опозицијата, пак, реагира дека поскапувањата доаѓаат во тежок период за граѓаните и претставуваат дополнителен удар врз семејните буџети. Посебно се посочува дека паркингот поскапува за околу 30 проценти, гробарината за 50 проценти, а дел од комуналните услуги за околу 30 проценти.
Покрај тоа, од 6 мај ќе важат и нови цени во такси-превозот. Дневната тарифа ќе изнесува 50 денари старт и 50 денари по километар, додека ноќната тарифа ќе биде 100 денари старт и 50 денари по километар.
Надлежните најавуваат контроли, баждарење на таксиметрите и јавно истакнување на ценовниците, со цел да се спречат злоупотреби и неофицијално договарање на цени.







