Во СВР Велес е пријавен нов случај на интернет измама, во кој 43-годишна жителка на Велес останала без 16.592 денари откако поверувала на СМС порака со наводно известување за сообраќаен прекршок.
Според пријавата, на 5 мај 2026 година жената добила порака во која ѝ било наведено дека има неплатен сообраќаен прекршок и дека истиот може да го плати по намалена цена доколку веднаш пристапи на приложен линк.
Во пораката имало веб-страница со инструкции за плаќање, при што било наведено дека доколку се реагира брзо, казната ќе биде намалена за половина, што дополнително ја навело жртвата да постапи по упатствата.
Откако ги внела податоците од својата банкарска сметка, добила неколку известувања дека трансакцијата не е успешна, но подоцна забележала дека од сметката сепак ѝ биле повлечени пари во повеќе наврати.
Од СВР Велес информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сторителите.
Полицијата воедно апелира до граѓаните да бидат крајно внимателни при добивање на вакви и слични сомнителни пораки, да не отвораат непознати линкови и никогаш да не внесуваат лични или банкарски податоци, туку веднаш да пријават во надлежните институции.









