Попладнево во скопското село Трубарево избувна голем пожар во рециклаторен центар на „Ф-Групација“, соработник на компанијата „Нула отпад“. Таму се складира опасен електронски отпад, литиум-јонски батерии и акумулатори, кои при горење испуштаат исклучително токсични материи. Пожарот започна околу 13:30 часот, а густиот црн чад е видлив од сите делови на градот, вклучително и центарот на Скопје.
И покрај сериозната закана, здравствените власти досега не издадоа никакво предупредување за заштита на граѓаните. Од граѓанската иницијатива „Шанса за центар“ алармираат дека при горење на батериите се ослободува хидроген флуорид (HF) – супстанца која Европската агенција за хемикалии ја класифицира како многу токсична и корозивна, опасна дури и при ниски концентрации.
Освен HF, при пожарот се ослободуваат и јаглерод моноксид, диоксид, соединенија на хлор, азот, сулфур и други опасни материи. Експертите предупредуваат дека горењето на електронскиот отпад може да ослободи тешки метали како олово, кадмиум, хром, никел и бакар, кои дополнително го загрозуваат здравјето и околината.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, изјави дека пожарот бил пријавен преку бројот 112 во 13:38 часот. На терен се ангажирани повеќе противпожарни екипи, шест возила од Територијалната противпожарна бригада на Скопје, специјализирани тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, два хеликоптери и авион „ер-трактор“. Пожарот предизвика сериозно ширење на чадот, а постои ризик и од мини-експлозии поради високите температури на батериите, кои можат да достигнат и до 1600 степени.
Жителите на Трубарево и околните населби Маџари, Јурумлери, Гоце Делчев, Горно и Долно Лисиче веќе со години предупредуваат дека улиците им се претворени во депонии. Денешниот пожар само ја потврди нивната загриженост, додека институциите и натаму се двоумат со мерките за заштита.