Точно во 11 часот, 16 пливачи влегоа во водите на Охридското Езеро кај Свети Наум, со што започна годинашното издание на меѓународниот Охридски пливачки маратон.
На стартот се појавија 11 пливачи и пет пливачки, кои треба да ја совладаат 25-километарската патека „Климе Савин“. Трасата води од Свети Наум, преку девет контролни точки, до целта кај Градското пристаниште во Охрид.
Временските услови на стартот се одлични. Езерото е мирно, а температурата на водата изнесува околу 25 степени. Доколку условите останат поволни, се очекува најдобрите да пристигнат на целта по околу пет часа пливање.
Македонија ја претставуваат Александар Илиевски, Петар Цеков, Леонид Мишевски и Росана Гошева, а на маратонот учествуваат и пливачи од Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина.
Наградниот фонд годинава изнесува 15.000 долари, кои ќе бидат распределени меѓу најдобрите во машка и женска конкуренција.
Охридскиот пливачки маратон е една од најпрепознатливите спортски манифестации во Македонија, со традиција што датира од 1950-тите години.







