Македонија денеска имаше невообичаено топол октомвриски ден, со температури кои на повеќе места се приближија до 28 степени, но веќе од утре следува значителна промена на времето.
Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи, најтопло било во Штип каде биле измерени 27,8 степени, додека во Велес температурата достигнала 27,6 степени.
Во Гевгелија биле регистрирани 27,2 степени, а во Струмица и Демир Капија 26,9 степени.
Во Скопје, на мерната станица Зајчев Рид, максималната температура достигнала 25,9 степени, додека најсвежо било на Попова Шапка со 15,3 степени.
Во вечерните часови температурите почнале постепено да се намалуваат. Во 20 часот најтопло било во Демир Капија со 21,7 степени, а во Штип биле измерени 21,5 степени. На Попова Шапка температурата се спуштила на 11,1 степен.
Веќе од петок се очекува промена под влијание на циклонска активност која, според прогнозите, ќе се задржи до средината на следната седмица.
Времето ќе биде променливо облачно, со повремени локални врнежи од дожд и услови за појава на грмежи.
Во текот на викендот се очекува засилување на врнежите.
Во сабота максималните дневни температури ќе се движат од 19 до 27 степени, а на повеќе места се очекува пороен дожд.
Недела ќе донесе уште поинтензивни врнежи, при што локално се очекуваат повеќе од 20 литри дожд на квадратен метар, како и засилен јужен ветер и услови за невреме.
Ново заладување се најавува за вторник, кога температурите дополнително ќе опаднат, а дождот на највисоките планински врвови ќе преминува во снег.
Топлото и стабилно време денеска придонесе и за зголемување на аерозагадувањето во дел од градовите.
Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем, највисока концентрација на PM10 честички била измерена во Тетово – 81,8 микрограми на кубен метар, додека PM2,5 честичките достигнале 50,2 микрограми.
Повисоки концентрации биле измерени и во Битола, Велес и делови од Скопје.
Со најавените дождови и засилениот ветер се очекува подобрување на квалитетот на воздухот во повеќе котлини.








