ПРВ.мк
Македонија

О2 алармира: „Како во Кочани!“ – Отпад складиран во штала среде населена улица во Трубарево

О2 алармира: „Како во Кочани!“ – Отпад складиран во штала среде населена улица во Трубарево

По денешниот голем пожар во Трубарево, граѓанската иницијатива О2 остро реагираше, посочувајќи дека станува збор за недозволиви и крајно опасни услови за складирање отпад.

Од иницијативата предупредија дека чадот од пожарот се шири над Скопје, а во пламен е зафатено складиште со електронски и електричен отпад сместено во штала – и тоа во средина со куќи и жители.

„Како во Кочани со дискотеката! И тоа во населена улица! Добро бе, има ли некој нормален во државава?! Има ли некој што спроведува стандарди и почитува правилници?!“ – се наведува во нивната реакција.

Жителите на Трубарево, како што додаваат од иницијативата, со години предупредуваат дека нивната улица е претворена во депонија каде носачи на отпад од цела земја оставале отпадни материјали, загадувајќи ја животната средина.

Првичните информации во јавноста велеа дека пожарот избувнал во капацитетите на фирмата „Нула Отпад“, но подоцна беше потврдено дека огнената стихија зафатила објекти на Ф – ГРУПАЦИЈАТА, компанија која се занимава со складирање на електронски отпад.

Ситуацијата предизвика силна вознемиреност кај жителите, а О2 инсистира институциите итно да преземат одговорност и да воведат ред во оваа област.

Escape