Епидемиолошката состојба во Гостивар останува стабилна и засега нема нови лабораториски потврдени случаи на западнонилска треска, соопшти Министерството за здравство.
Според последните податоци, на 1 август во здравствените установи биле извршени 57 први прегледи, што е за три помалку во однос на претходниот ден, кога биле регистрирани 60. Во истиот период не биле евидентирани нови хоспитализации.
Министерството наведува дека заклучно со 1 август се поднесени вкупно 1.041 формална пријава за заразни заболувања, а изработени се и 734 нови епидемиолошки анкети.
Во однос на западнонилската треска, Институтот за јавно здравје не регистрирал нови лабораториски потврдени случаи.

Од Министерството за здравство посочуваат дека состојбата и понатаму внимателно се следи во координација со Институтот за јавно здравје и останатите надлежни институции, а јавноста навремено ќе биде информирана за сите евентуални нови случувања.






