ПРВ.мк
Македонија

Кривична пријава против Стевчо Јакимовски и две вработени во Општина Карпош

Кривична пријава против Стевчо Јакимовски и две вработени во Општина Карпош

Одделот за криминалистичка полиција, во координација со СВР Скопје и по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Стевчо Јакимовски и две вработени во Општина Карпош поради сомненија за неправилности поврзани со издавање одобренија за градба.

Според информациите од МВР, Благица Блажевска, раководителка на Секторот за урбанизам, е пријавена за четири кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“, Симона Серафимовска Ѓуреска за две дела од истиот член, додека градоначалникот Стевчо Јакимовски е пријавен за „Несовесно работење во службата“.

Во еден од случаите, според наводите во кривичната пријава, станува збор за локација опфатена со ДУП кој претходно бил укинат со одлука на Уставниот суд.

МВР наведува дека Јакимовски претходно дал насоки да не се издаваат изводи од планови и одобренија за градење за укинатите ДУП-ови. Сепак, според пријавата, тој подоцна потпишал договори со инвеститори за регулирање на надоместокот за уредување градежно земјиште без да утврди дека се однесуваат на локација со укинат ДУП.

На 23 јули 2025 година, според полицијата, на инвеститорите им било издадено одобрение за градење, со што наводно им било овозможено да стекнат право за изградба на објект во вредност од 10.427.518 денари.

Во друг случај, полицијата тврди дека на 29 октомври 2025 година било издадено одобрение за градба и покрај тоа што основниот проект бил изработен спротивно на важечкиот урбанистички план. Вредноста на објектот во овој случај е наведена на 13.021.914 денари.

Тоа значи дека само овие два објекта, според сумите наведени во пријавата, се со вкупна вредност од над 23,4 милиони денари.

Кривичната пријава опфаќа и два случаи со решенија за градба на настрешници. Според МВР, во едниот случај објектот бил планиран во простор со намена Д1 – парковско и пејзажно зеленило и не бил предвиден со важечкиот урбанистички план.

За друга настрешница, пак, полицијата наведува дека претходно, во 2024 година, веќе било донесено решение за нејзино отстранување, но во јули 2025 година било издадено решение за градба.

Станува збор за кривична пријава и наводи на истражните органи, а не за утврдена вина. За евентуалната кривична одговорност на пријавените ќе одлучуваат надлежното обвинителство и судот.