ПРВ.мк
Македонија

Нови правила за оружјето во Македонија:Еве што се менува со оружјето и муницијата

Нови правила за оружјето во Македонија:Еве што се менува со оружјето и муницијата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги претстави новите правила во областа на поседувањето и контролата на оружјето, посочувајќи дека целта е да се намали непотребната администрација за граѓаните кои ги исполнуваат законските услови, но истовремено да се засили контролата.

Во обраќање по повод 80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија, Тошковски рече дека при преземањето на функцијата биле затекнати повеќе од 5.000 граѓани кои ги исполнувале условите за дозвола за оружје, но не успевале да ја добијат.

Истовремено, според него, постоеле и случаи во кои оружје поседувале лица кои не требало да го имаат.

„Таков систем не е ни праведен, ни безбеден“, порача Тошковски.

Една од новините е електронското поднесување барања за набавка на оружје.

Со новите правила е предвидено со едно барање да може да се побара набавка на повеќе парчиња оружје, а се регулира и полнењето муниција согласно законските услови.

Се проширува и можноста за сокористење оружје, додека рокот за регулирање на наследено оружје се продолжува од два на четири месеци.

Предвиден е и дополнителен рок од една година за одредени случаи во кои граѓаните претходно го пропуштиле законскиот рок или нивното барање било одбиено поради задоцнување.

Ова ќе се однесува и на случаи на легализација, пререгистрација или доброволно предавање оружје.

Промени има и кај муницијата. Укината е обврската за претходно одобрение за нејзина набавка, додека МВР преку централен електронски систем ќе има увид во количините што се купуваат.

Тошковски нагласи дека административните олеснувања нема да значат помала контрола.

Новиот систем предвидува електронско следење на оружјето од производството до крајниот корисник, како и обврска тоа да се чува на безбедно и соодветно место.

Законските решенија ги опфаќаат и современите технологии, вклучително и оружје и делови произведени со 3Д-печатачи и CNC машини.

Според министерот, целта е легалното оружје да остане во рацете на одговорни граѓани, додека кон нелегалното оружје да има строга контрола.

„Доверба за тие што ги почитуваат правилата, нулта толеранција за тие што ги кршат“, порача Тошковски.