ПРВ.мк
Македонија

Нови мотори за сообраќајната полиција: Еве колку чинат 33-те „Piaggio“

Нови мотори за сообраќајната полиција: Еве колку чинат 33-те „Piaggio“

Министерството за внатрешни работи доби 33 нови полициски мотоцикли и комплетна заштитна опрема наменета за припадниците на сообраќајната полиција.

Мотоциклите се обезбедени од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а на официјалното примопредавање присуствуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски.

Станува збор за 33 мотоцикли „Piaggio Beverly 310 HPE“ во полициска изведба.

Заедно со нив се обезбедени и 33 комплети мотоциклистичка опрема, составени од заштитни кациги, јакни, панталони, чизми, како и летни и зимски ракавици.

Вкупната вредност на набавката изнесува 16.845.561 денари.

Според МВР, новата опрема треба да овозможи поголема мобилност на полициските службеници, поефикасно регулирање и контрола на сообраќајот, како и подобри услови за нивната работа.

Тошковски истакна дека набавката е дел од пошироките активности за модернизација на сообраќајната полиција и подобрување на безбедноста на патиштата.

Тој посочи дека инвестициите во опрема и технологии се надоврзуваат и на системот „Безбеден град“, со цел поефикасно спроведување на сообраќајните правила.

Претседателот на РСБСП, Горан Ангеловски, нагласи дека Советот и годинава издвојува средства за опремување на организациските единици на МВР задолжени за контрола и регулирање на сообраќајот.

Според него, новите мотоцикли треба дополнително да ги зајакнат капацитетите на сообраќајната полиција.

Од МВР и РСБСП најавија продолжување на соработката преку нови инвестиции, превентивни активности и проекти насочени кон подобрување на сообраќајната безбедност.

Крајната цел, како што беше посочено, е намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица на патиштата.