Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, порача дека новиот Закон за високо образование не предвидува укинување на вонредните студии, ниту пак запирање на државната поддршка за научно-истражувачката работа, оценувајќи дека во јавноста се пласираат неточни информации.
На четвртата јавна дебата за Предлог-законот, одржана на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска истакна дека Министерството за образование и наука не е во судир со академската заедница, туку работи заедно со неа на подготовката на реформите. Според неа, законот е започнат во координација со универзитетите и на ист начин ќе биде финализиран.
Таа најави дека сите прифатливи предлози од работната група ќе бидат вметнати во новата драфт-верзија, која повторно ќе биде објавена на ЕНЕР, за да може јавноста дополнително да даде забелешки.
Јаневска реагираше на тврдењата дека се укинува вонредното студирање и дека државата нема да финансира научни трудови, нагласувајќи дека таквите информации не се точни. Таа повика на конструктивна дебата и порача дека секоја аргументирана забелешка ќе биде земена предвид, наместо да се шират дезинформации што, како што рече, им штетат и на младите и на државата.
Во врска со разговорите со приватните универзитети, министерката рече дека средбата била конструктивна и дека најголем дел од отворените прашања биле усогласени. Пред финализирањето на законскиот текст, најавен е уште еден состанок за дополнителна проверка на решенијата.
Осврнувајќи се на темата за бесплатното високо образование, Јаневска појасни дека студентите од ранливите категории и сега се ослободени од партиципација, додека студентите со ниски примања добиваат стипендии со кои практично им се покриваат трошоците за студирање. Дополнително, студентите што живеат во студентски домови користат и други поволности, а сите запишани студенти добиваат средства за студентски оброк.
Една од темите што предизвика најмногу реакции се условите за напредување во академските звања. Според министерката, предложените критериуми не се построги од оние што важат во други европски држави, но нивното зајакнување е неопходно, бидејќи по измените од 2018 година, кога дел од критериумите биле укинати, квалитетот во високото образование опаднал.
На дебатата во МАНУ, Јаневска нагласила дека високото образование треба да создава јавно добро и да образува стручни, компетентни и морални личности кои ќе придонесуваат за развојот на општеството. Таа посочи и дека државата, како финансиер на високообразовните институции, има право да бара отчетност и одговорност за резултатите.
Според неа, Предлог-законот е насочен кон меритократија, интернационализација и посилен фокус на научно-истражувачката работа како составен дел од наставниот процес. По завршувањето на јавните расправи и вградувањето на забелешките, текстот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР, а потоа ќе влезе во владина процедура.
Јаневска информираше и дека е објавен Предлог-законот за научно-истражувачка дејност, додека од МАНУ најавиле дека во текот на неделата ќе ги достават своите забелешки до Министерството. Заедничката оценка, како што беше посочено, е дека реформите во високото образование се неопходни.

















