ПРВ.мк
Македонија

НОВИ ДЕТАЛИ ОД СУДНИЦАТА ЗА „ПУЛС“: Дискотеката била градена целосно диво - без проект, надзор и дозволи!

НОВИ ДЕТАЛИ ОД СУДНИЦАТА ЗА „ПУЛС“: Дискотеката била градена целосно диво - без проект, надзор и дозволи!

Нови детали беа изнесени на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде вештото лице Маријана Лазаревска говореше за градежните интервенции, документацијата и начинот на кој објектот бил пренаменуван и уредуван низ годините.

Според нејзиното сведочење, градежните зафати во објектот биле изведувани без проектна документација, без стручен надзор и без соодветно одобрение од надлежните институции.

Лазаревска пред судот посочила дека направените промени не можат едноставно да се сметаат за надградба, доградба или адаптација. Според нејзината оценка, станувало збор за реконструкција, за која требало да биде спроведена целосна законска постапка.

Особено внимание во сведочењето било посветено на промената на намената на објектот.

Просторот од магацин бил пренаменет во угостителски објект, а според вештото лице оваа промена значително го зголемила оптоварувањето на конструкцијата и имала влијание врз безбедноста на објектот.

Во текот на годините биле направени повеќе интервенции.

Во објектот биле поставени челични столбови и греди, биле изведени надворешни скали и настрешница, а во 2012 година постоеле и челични галерии до кои се пристапувало преку скали.

Тие галерии подоцна биле отстранети, во 2024 година, додека на задниот ѕид била оформена бина.

Според сведочењето, дел од внатрешните столбови биле покриени со гипс-картон, а поткровниот простор бил изведен со стаклена волна, гипс-плочи и полиуретански сунѓер.

Токму полиуретанскиот сунѓер бил меѓу материјалите што целосно изгореле во пожарот.

Само еден документ личел на проект

Лазаревска пред судот посочила дека во документацијата пронашла само еден документ кој можел да се поврзе со проект за пренамена на објектот.

Станува збор за документ изработен од „ВЕНЦИ“ ДООЕЛ Кочани, кој се однесувал на промената на намената во угостителски објект – кабаре.

Но, според вештото лице, документот не ги содржел сите законски фази што биле потребни за ваков тип зафат.

Дополнително, документот не бил поднесен во Општината, а мерките кои биле предвидени во него, според сведочењето, не биле реализирани.

И покрај тоа, истиот документ бил користен во постапки пред две институции – Државниот пазарен инспекторат во 2012 година и МВР, односно СВР Штип, при издавањето согласност.

На прашање од обвинителството дали во документацијата воопшто се споменува употребата на полиуретански сунѓер, Лазаревска одговорила дека никаде не го сретнала тој термин.

Површината останала иста – но категоријата била спорна

Важен дел од сведочењето се однесувал и на големината на објектот.

Според геодетскиот елаборат од 16 март 2025 година, габаритот на објектот не се менувал низ годините, а неговата површина континуирано изнесувала околу 472 квадратни метри.

Лазаревска нагласила дека тоа е значаен податок бидејќи површината била важна за утврдување на категоријата во која требало да се класифицира угостителскиот објект.

Според неа, објект со ваква површина не ги исполнувал условите за да биде третиран како кабаре.

Дополнително, таа пред судот посочила дека и начинот на кој бил организиран и користен просторот, како и распоредот на просторијата за гости и внатрешната опрема, укажувале на тоа дека објектот по своите карактеристики повеќе одговарал на диско-клуб, а не на кабаре.

Сведочењето на вештото лице е дел од судската постапка во која се разгледуваат повеќе аспекти поврзани со објектот, неговата документација, изведените интервенции и условите во кои функционирал пред трагичниот пожар.

Најнови вести