Државата подготвува нов закон со кој значително ќе се заострат правилата за чување, третман и заштита на животните. Предлог-законот предвидува високи казни за неодговорни сопственици, но и за лица кои вршат насилство, мачење или убивање животни.
Според предложените мерки, несоодветното чување или шетање куче може да се казни со глоба до 400 евра, додека за сурово мачење или убивање животни се предвидуваат казни до 5.000 евра. Лицата кои трајно ќе го напуштат својот миленик на улица би можеле да добијат и доживотна забрана за чување животни.
Една од најважните промени е забраната за постојано врзување кучиња на синџир, како и чување во затворен простор без редовно шетање. Законот предвидува и задолжителна стерилизација на домашните кучиња, со цел да се намали неконтролираното размножување и бројот на бездомни животни.
Дополнително, се најавува формирање државен центар за трајно згрижување и вдомување напуштени животни, како и построга регистрација на одгледувачници и пансиони за миленици.
Полицијата и инспекторите ќе имаат зголемени овластувања за контроли на терен. Предлог-законот е подготвен од Агенцијата за храна и ветеринарство, а јавноста очекува негово усвојување од надлежните институции.









