ПРВ.мк
Свет

Трговската војна повторно се разгорува - Царините за европски автомобили се качуваат за 25 проценти?!

Трговската војна повторно се разгорува - Царините за европски автомобили се качуваат за 25 проценти?!

Американскиот претседател Доналд Трамп најави ново зголемување на царините за автомобили и камиони што се увезуваат од Европската Унија во Соединетите Држави. Според неговата објава на Truth Social, царината ќе биде зголемена на 25 проценти.

Трамп ја образложи одлуката со тврдење дека Европската Унија не го почитува претходно договорениот трговски договор. Тој додаде дека новите мерки нема да важат за возила што се произведуваат во фабрики на територијата на САД.

Оваа мерка може особено да ги погоди европските производители кои извезуваат модели директно на американскиот пазар. Според Bloomberg, меѓу најизложените е Stellantis, кој во САД увезува возила од брендовите Alfa Romeo, Fiat и Maserati.

Дел од големите европски производители, како Volkswagen, Mercedes-Benz и BMW, веќе имаат производствени капацитети во САД, што може делумно да ги заштити од новите царини.

Одлуката повторно го отвора трговскиот спор меѓу Вашингтон и Брисел, во период кога глобалната економија е под притисок од повисоките цени на енергијата и геополитичките тензии. Спроведувањето на претходниот договор меѓу САД и ЕУ и понатаму е спорно, особено поради царините за метали и одложената ратификација од европска страна.