ПРВ.мк
Македонија

Нов развој на случајот „27 април“: Села доби право на висока парична отштета - ова е сумата!

Нов развој на случајот „27 април“: Села доби право на висока парична отштета - ова е сумата!

Апелациониот суд Скопје донесе правосилна пресуда со која делумно ја уважи жалбата на Зијадин Села и ја зголеми висината на надоместот што државата треба да му го исплати за нематеријалната штета претрпена при нападот во Собранието на 27 април 2017 година.

Со одлуката, државата е задолжена да му исплати вкупно 7,8 милиони денари, односно околу 127.000 евра, како надомест за повреда на неговите лични права, како и за претрпените физички и душевни последици.

Апелациониот суд ја преиначи пресудата на Основниот граѓански суд Скопје, кој претходно му досуди 5,5 милиони денари.

Во образложението се наведува дека првостепениот суд не ја оценил целосно тежината на повредите и не ги земал предвид сите околности релевантни за определување на правичен надомест. Според второстепениот суд, претходно определениот износ не ја одразувал реалната тежина на последиците што ги претрпел Села.

При донесувањето на одлуката, Апелација ги земала предвид интензитетот и времетраењето на физичките и психичките страдања, влијанието врз неговото секојдневно функционирање, како и јавниот карактер на настанот. Судот оценил дека новоутврдениот износ претставува правична сатисфакција без да значи прекумерна компензација.

Од вкупниот надомест, на Села му се доделени:

  • 1.500.000 денари за претрпени физички болки;
  • 900.000 денари за претрпен страв;
  • 3.000.000 денари за душевни болки поради намалена општа животна активност;
  • 600.000 денари за душевни болки поради нагрденост;
  • 600.000 денари за повреда на личното достоинство;
  • 600.000 денари за повреда на честа;
  • 600.000 денари за повреда на угледот.

На оваа сума ќе се пресметува и законска казнена камата, почнувајќи од 1 јуни 2023 година, сè до целосната исплата.

Апелациониот суд ја одби жалбата на Државното правобранителство како неоснована. Од друга страна, жалбата на Села беше делумно прифатена, но беше одбиено неговото барање за дополнителен надомест над износот од 7,8 милиони денари. Во тужбата тој побаруваше вкупно 61 милион денари.

Во пресудата се потсетува дека на 27 април 2017 година, Зијадин Села беше нападнат од повеќе лица во Собранието на Република Македонија, при што се здоби со тешки телесни повреди опасни по живот. Според утврдените факти, тој бил удиран со тупаници, клоци и тврди предмети, по што во бесвесна состојба бил пренесен на болничко лекување.