Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истражна постапка против две лица, кои се осомничени за кривичните дела „примање награда за противзаконито влијание“ и „примање поткуп“.
Како што соопшти Обвинителството, новиот предмет е формиран врз основа на докази обезбедени при анализата на податоците од мобилни телефони одземени во рамките на истрагата „Ботокс“, која се однесува на организирана криминална група осомничена за нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала.
Според досегашните сознанија, во декември 2025 година осомничена од предметот „Ботокс“ му дала парична награда на првоосомничениот, доктор по стоматологија и претседател на Стоматолошкото друштво на Албанците, за да го искористи своето влијание и да посредува при полагање стручен испит.
Тој, според Обвинителството, интервенирал кај второосомничениот, претседател на Испитната комисија за стручен испит за здравствени работници од областа на стоматологијата, барајќи од него да ѝ овозможи на кандидатката успешно да го положи испитот.
По завршувањето на испитот, осомничената извршила уплата на трансакциската сметка на првоосомничениот како награда за посредувањето, а дел од парите, според истрагата, му биле предадени и на второосомничениот.
Во текот на денот двајцата осомничени ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, а јавниот обвинител ќе предложи мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на кривичната постапка.








