Двете недовршени згради во кампусот на УКИМ се планира да бидат наменети за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а меѓусебно ќе бидат поврзани со мост. Ова го најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Новото проектирање на објектите треба да заврши до крајот на ноември, по што е предвидено веднаш да биде распишан тендер за избор на изведувач. Според најавите, градежните активности би започнале на почетокот на следната година.
Анализите направени од Градежниот факултет покажале дека конструкцијата на недовршените објекти нема поголеми оштетувања, па изградбата може да продолжи по соодветна санација.
Јаневска појасни дека Факултетот за физичка култура одлучил да остане на сегашната локација, каде што се планира проширување на капацитетите. За репроектирањето е обезбеден грант и експертска помош од Швајцарија за машинските, електричните и системските решенија.
Според министерката, седумгодишниот застој предизвикал штета и за студентите и за државниот буџет. Поради зголемените цени на градежните материјали, реализацијата сега ќе чини значително повеќе од првично планираното, а точната вредност ќе биде позната по завршувањето на проектот.







