ПРВ.мк
Македонија

НОЌ НА ХАОС ВО МАКЕДОНИЈА: Невреме гo погоди и овој македонски град – откорнати дрвја, оштетени возила и прекин на струјата!

НОЌ НА ХАОС ВО МАКЕДОНИЈА: Невреме гo погоди и овој македонски град – откорнати дрвја, оштетени возила и прекин на струјата!

Силно невреме проследено со пороен дожд, силен ветер, грмежи и град доцна синоќа го погоди Стар Дојран, оставајќи зад себе значителна материјална штета на повеќе локации низ градот.

Под налетот на невремето биле откорнати десетици повеќегодишни дрвја, меѓу кои јавори, борови, багреми и црници. Паднатите дрвја оштетиле настрешници, урбана опрема на плажата, неколку патнички возила, како и покривот на еден од дуќаните на градскиот пазар, соопштија локалните власти.

Од Доброволното противпожарно друштво „Дојран“ информираа дека нивните екипи веднаш по невремето излегле на терен и интервенирале на повеќе критични точки низ градот. Големи паднати дрвја биле затекнати во градскиот парк, кај игралиштето со справи за вежбање, во близина на детскиот рингишпил на шеталиштето, како и кај хотелот „Романтик“ и пицеријата „Вавилон“, каде што било неопходно итно расчистување.

Поради дрво кое паднало на главниот пат, сообраќајот извесен период се одвивал само по една коловозна лента, што предизвикало отежнато движење на возилата. Дополнително, во делови од Стар Дојран неколку часа немало електрична енергија, бидејќи снабдувањето било привремено прекинато од безбедносни причини.

Градоначалникот на Дојран, Илија Тентов, соопшти дека и покрај силата на невремето, за среќа нема повредени лица, но материјалната штета е значителна.

„Силното невреме со обилни врнежи и силен ветер за среќа помина без повредени, само со материјална штета. Екипите на ДППД Дојран, доброволни граѓани и ЕВН веднаш излегоа на терен и започнаа со расчистување на паднатите дрвја и санација на штетите“, изјави Тентов.

Тој воедно апелираше до граѓаните навремено да пријавуваат непроодни улици, поплавени домови и подруми, за надлежните служби што побрзо да интервенираат и да ги отстранат последиците од невремето.