ПРВ.мк
Македонија

„Ни умираа пред очи“: Потресна исповед од Расадник по хоророт со отруените миленици!

„Ни умираа пред очи“: Потресна исповед од Расадник по хоророт со отруените миленици!

По масовното труење на кучиња и мачки во населбата Расадник во општина Кисела Вода, жителите велат дека овој дел од Скопје повеќе никогаш нема да биде ист. Случајот што ја потресе јавноста остави зад себе тага, страв и револт кај семејствата кои ги загубија своите миленици на суров начин.

Особено потресно е сведоштвото на сопружниците Лила и Душко Лазоровски, чието куче Дина угинало пред самиот влез од зградата, откако изело парче салама во кое бил ставен отровот ланате – пестицид кој е забранет за употреба со години и важи за еден од најтоксичните.

Во своето емотивно писмо, тие опишуваат како зградата на улицата „Христо Татарчев“ број 47К со години претставувала безбедно место за живот, дружење и детска игра. Во објектот живеат околу 97 семејства и повеќе од 250 жители – од бебиња до повозрасни луѓе.

Посебен симбол на заедништвото била големата заедничка тераса од 250 квадратни метри, уредена со дрвја, цвеќиња и клупи, каде секојдневно се собирале деца, родители, баби, дедовци и домашни миленици.

Но, како што велат жителите, сè се променило на 14 мај 2026 година.

Тогаш, според сведочењата, некој оставил салама со отров на самата тераса, само неколку метри од влезот на зградата, а уште едно затруено парче било пронајдено и на блискиот тротоар.

Жителите се шокирани и прашуваат како некој можел свесно да остави смртоносен отров на место каде секојдневно поминуваат деца, семејства и домашни миленици.

Во труењето угинале пет кучиња и две мачиња, а преживеало само едно кутре. Меѓу жртвите биле и домашните миленици Дина и Нана, кои со години живееле со своите семејства.

Сопствениците ги опишуваат како мирни, сакани и верни животни кои никому не му наштетиле. Велат дека тие не биле „само кучиња“, туку дел од семејството – негувани, чувани и сакани секој ден.

Најболниот момент, како што сведочат, бил кога нивните миленици умирале во страшни маки пред нивните очи, а тие не можеле да направат ништо за да ги спасат.

Жителите бараат институциите да го пронајдат и казнат сторителот, посочувајќи дека станува збор за суров чин кој можел да има уште потешки последици.

Тие предупредуваат дека отровот бил оставен на место каде што секојдневно си играат деца и каде минуваат стотици луѓе, па трагедијата можела да биде уште поголема.

За семејствата кои ги загубија своите миленици, терасата каде некогаш се собирале со соседите и децата засекогаш ќе остане место што ги потсетува на страшниот ден кога, како што велат, изгубиле членови од своите семејства.

Најнови вести