ПРВ.мк
Македонија

Невремето што ја погоди Македонија било со јачина на ураган - велат од УХМР

Невремето што ја погоди Македонија било со јачина на ураган - велат од УХМР

Вчерашното силно невреме што ја зафати Македонија било проследено со ветер со јачина на ураган, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), додавајќи дека се регистрирани удари и до 134 километри на час.

Според УХМР, оркански ветер е регистриран во Штип (134 км/ч), како и во Скопје и Ново Село – Струмица, каде максималните удари достигнале 130 км/ч. Ветер со ваква сила, над 118 км/ч, според метеоролошката класификација се смета за урагански и многу ретко се јавува на овие простори.

Последиците од невремето се сериозни. Преку бројот 112 биле примени над 9.000 повици од граѓани, а само во Скопје до 22 часот биле евидентирани 117 оштетени возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори и пет пожари.

Министерството за здравство информира дека 33 лица побарале болничка помош. Во ГОБ „Св. Наум Охридски“ биле примени 22 пациенти, од кои двајца се задржани на лекување, додека на Клиниката за ТОАРИЛУЦ биле прегледани 11 лица, при што кај тројца биле констатирани скршеници.

Во меѓувреме, значителни оштетувања се регистрирани и на здравствени установи, меѓу кои Клиничката болница во Штип и ГОБ „8 Септември“, а надлежните најавија дека по проценката на штетите ќе започне нивната санација.