Царинската управа спречила обид за нелегален увоз на наркотични супстанци кои биле скриени во поштенски пратки пристигнати од Франција, а против едно лице ќе биде поднесена кривична пријава.
Станува збор за државјанин на САД со иницијали Ј.Е., кој според истрагата се обидел да внесе дрога во земјата преку четири поштенски пратки во кои биле сместени ДВД и ЦД носачи, со цел да се прикрие вистинската содржина.
По пристигнувањето на пратките во Царинската испостава Пошти, царинските службеници извршиле контрола со скенер, при што биле забележани сомнителни индикации во внатрешноста на пакетите. Веднаш потоа бил ангажиран мобилен царински тим, а во проверката било вклучено и царинско куче за детекција на наркотици.
По детални проверки и тестирања било утврдено дека во пратките се криеле 12,5 грама метамфетамин, 20 грама МДМА и 8 грама кокаин.
Случајот бил преземен од Одделението за истраги по налог на јавен обвинител, при што осомничениот бил приведен во моментот на прием на пратката. Потоа бил извршен и претрес во неговиот дом, каде што живеел со сопругата.
При претресот биле пронајдени дополнителни предмети, меѓу кои две стаклени шишенца со зелена растителна материја, две стаклени лулиња за пушење и 33 ампули тестостерон.
Сите запленети супстанци и предмети се одземени и испратени на вештачење, а по завршување на постапката против лицето ќе биде поднесена кривична пријава.







