Тетовец е лишен од слобода откако полицијата го затекнала како управува автомобил со дури 177 километри на час на магистралниот пат Гостивар–Тетово, на делница каде што максимално дозволената брзина изнесува 80 километри на час.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, прекршокот бил регистриран вчера околу 18 часот на клучката кај Боговиње. Полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот при Секторот за сообраќајни работи, користејќи специјално службено возило „пресретнувач“, ја измериле екстремно високата брзина со која се движело возилото.
Станува збор за патнички автомобил од марката „Шкода“ со тетовски регистарски таблички, управуван од К.Б. (47) од Тетово. По добиени насоки од јавен обвинител, возачот веднаш бил лишен од слобода.
Од МВР информираат дека против него се преземени сите законски мерки и дека ќе одговара согласно член 297-а од Кривичниот законик, кој предвидува санкции за ваков вид опасно и несовесно однесување во сообраќајот. Овој член се применува во случаи кога со грубо прекршување на сообраќајните правила сериозно се загрозува безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Од Министерството најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период на патиштата низ целата држава. Целта на акциите е навремено откривање и санкционирање на несовесните возачи, намалување на бројот на сообраќајни незгоди и зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот.
Воедно, од полицијата упатуваат апел до сите возачи строго да ги почитуваат сообраќајните правила, ограничувањата на брзината и поставената сигнализација, бидејќи неприлагодената брзина останува една од најчестите причини за тешки сообраќајни несреќи.









