Двајца засега непознати сторители се осомничени дека предизвикале пожар во двор зад станбена зграда на улицата „11 Октомври“ во Скопје, откако претходно ги вознемирувале станарите и им ја одземале поштата од сандачињата.
Според информациите од МВР, случајот бил пријавен на 6 мај 2026 година околу 06:40 часот во СВР Скопје. Според пријавата, лицата тропале по вратите на станарите, создавале вознемиреност во зградата, а потоа од поштенските сандачиња земале пошта.
Набрзо потоа бил предизвикан пожар во дворот зад зградата, при што биле опожарени дрвени предмети поставени пред и во влезот на објектот.
За среќа, во инцидентот нема повредени лица, но кај станарите бил предизвикан страв и вознемиреност.
Полицијата презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот.







