Три жени со врски со џихадистичката група Исламска држава биле уапсени по нивното враќање во Австралија, откако со години биле во притвор во Сирија.
Сите се австралиски државјанки. Полицијата соопшти дека две од нив – Кавсар Абас (53) и Зејнаб Ахмед (31) – биле уапсени веднаш по слетувањето во Мелбурн. Џанаи Сафар (32) била уапсена по слетувањето во Сиднеј.
Групата што пристигнала во Мелбурн наводно ја сочинуваат бабата Кавсар Абас, нејзините возрасни ќерки Зејнаб и Захра Ахмед, како и осум нивни деца.
Абас е во брак со Мохамед Ахмед, кој раководел со хуманитарна организација за која австралиската полиција се сомнева дека била користена за испраќање пари на ИСИС. Тој ги негирал обвинувањата во интервју за австралискиот ABC во 2019 година, откако бил пронајден во затвор во Сирија.
Полициската комесарка Крисy Барет потврди дека некои од жените ќе бидат обвинети. Можните обвиненија вклучуваат терористички дела како влегување или престој во забранети зони, како и злосторства против човештвото, вклучувајќи трговија со луѓе.
Групата од 13 лица е дел од поголема група од 34 лица, за кои се верува дека вклучуваат сопруги, вдовици и деца на борци на ИСИС, кои го напуштиле кампот во февруари, но се вратиле од „технички причини“, додека австралиската влада одбила официјално да ги репатрира.








