Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека на крузерот MV Hondius е откриен сој на хантавирус од Андите, единствениот познат тип од оваа група вируси кој во ретки случаи може да се пренесува од човек на човек. Според последните податоци, досега се потврдени три смртни случаи и неколку заразени лица меѓу патниците на бродот.
Лабораториските анализи, извршени од Националниот институт за заразни болести во Јоханесбург и Универзитетските болници во Женева, го потврдиле присуството на вирусот. Од СЗО нагласуваат дека засега нема докази за мутација која би го направила вирусот позаразен, и дека ризикот за општата популација останува низок.
Според експертите, хантавирусите најчесто се пренесуваат преку контакт со измет, урина или плунка од глодари и можат да предизвикаат тешки респираторни заболувања. Сепак, сојот Андес е познат по тоа што во исклучително ретки случаи може да се пренесе и меѓу луѓе, најчесто при близок контакт.
На бродот имало околу 150 патници, а досега осум лица пријавиле симптоми. Едно лице е во критична состојба, додека останатите имаат полесна клиничка слика. Меѓу потврдените жртви се брачен пар од Холандија и еден германски државјанин.
СЗО и националните здравствени институции продолжуваат со истрагата и следењето на контактите, додека дел од патниците се евакуирани и хоспитализирани во повеќе земји, меѓу кои Јужна Африка, Швајцарија и Велика Британија.







