Иницијативата Универзалната сала во Скопје да го добие името на познатиот македонски пејач Владо Јаневски не беше прифатена на денешната седница на Советот на Град Скопје. Предлогот го поднесе советничката од СДСМ, Кети Штерјова.
Штерјова предложи концертната сала да се именува „Универзална сала Владо Јаневски“, во чест на пејачот кој почина на 28 јуни годинава.
Образложувајќи ја иницијативата, таа посочи дека Универзална сала со децении е еден од препознатливите симболи на културниот и музичкиот живот на Скопје, додека Јаневски оставил значаен белег во македонската популарна музика.
Според Штерјова, преименувањето би претставувало признание за неговото повеќедецениско творештво и би воспоставило симболична врска меѓу еден од најзначајните културни објекти во градот и неговото музичко наследство.
Предлогот, сепак, не доби доволно поддршка. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаа за иницијативата, поради што таа не беше прифатена.
На истата седница не поминаа ниту иницијативите на Левица за воведување временска важност на билетите во јавниот автобуски превоз и за утврдување минимални хигиенско-технички услови за приватните превозници.
Од друга страна, на дневен ред беше прифатена иницијативата на советничката Кате Цаневска за воведување систем „0 отпад во Скопје“, чија цел е подобрување на хигиената во главниот град.







