Средношколците од прва година во училиштата во Скопје ќе можат бесплатниот јавен превоз да го користат и преку дигитален пас на мобилен телефон, наместо исклучиво со досегашните персонализирани пластични картички.
Новината е предвидена со измените на Одлуката за интегриран тарифен систем во линискиот превоз на патници, усвоени од Советот на Град Скопје. Дигиталниот пас ќе биде достапен преку мобилната апликација на ЈСП, а системот ќе се воведува постепено.
Во првата фаза ќе бидат опфатени учениците од прва година во средните училишта под надлежност на Град Скопје, како и во државните средни училишта. Потоа системот треба да се прошири и на учениците од втора, трета и четврта година кои веќе поседуваат персонализирани електронски картички.
Директорот на ЈСП, Саше Илиевски, објасни дека целта е да се поедностави целата постапка и да се намали потребата од одење на шалтери и чекање во билетарниците. Корисниците ќе добиваат инструкции по електронска пошта, а преку апликацијата ќе имаат QR-код што ќе го користат при патувањето.
Дигиталниот пас ќе биде персонализиран и нема да може законски да го користи друго лице. При неправилна или неовластена употреба, истекување на важноста или престанување на условите за бесплатно или повластено патување, ЈСП ќе може да го блокира или деактивира.
Посебно внимание на седницата предизвика прашањето што ќе се случи со студентите.
Само неколку дена претходно ЈСП соопшти дека започнува воведување дигитална студентска превозна картичка за студентите на државните универзитети. Според тогашната најава, податоците требаше автоматски да се синхронизираат меѓу универзитетите и ЈСП, а студентите преку мобилната апликација да добијат дигитална картичка со QR-код.
Сега, сепак, Илиевски посочи дека во оваа фаза се дигитализира превозот за средношколците, додека студентите ќе бидат опфатени подоцна.
„Целата постапка мора да оди чекор по чекор“, порача директорот на ЈСП.
Во усвоените измени на одлуката студентите не се наведени, па засега останува нејасно кога конкретно ќе започне примената на претходно најавената дигитална студентска картичка.







