ПРВ.мк
Македонија

Колкава е минималната пензија во Македонија и колку граѓани ја примаат?

Колкава е минималната пензија во Македонија и колку граѓани ја примаат?

Речиси 100.000 пензионери во Македонија примаат минимална пензија, покажуваат податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за август.

Од вкупно 349.334 пензионери, 98.318 се корисници на минимална пензија. Тоа претставува 28,1 отсто од вкупниот број, односно повеќе од секој четврти пензионер.

Минималната пензија не е иста за сите корисници. Нејзината висина зависи од периодот кога лицето се пензионирало и од должината на пензискиот стаж. Според објавените податоци, најниските пензии моментално се движат од 20.288 до 23.945 денари.

За пензионерите чиј пресметан износ не го достигнува законски утврдениот минимум, разликата се обезбедува со средства од државата. За 2026 година, според податоците на Фондот, за оваа намена се предвидени околу 80 милиони евра.

Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, смета дека во иднина треба појасно да се разграничат пензискиот принцип и социјалната функција на државата.

Според него, пензискиот дел треба да се темели на тоа колку придонеси биле уплатени и колкаво право произлегува од нив, додека дополнителната помош за граѓаните со најниски примања треба јасно да се третира како социјална поддршка од државата.

Слично прашање отвори и Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиски фондови, од каде посочуваат дека средствата со кои државата ја дополнува минималната пензија треба однапред и јасно да се планираат во буџетот.

Според актуелните правила, корисниците на најниска пензија се поделени во три групи во зависност од пензискиот стаж. Во пресметката се земаат предвид законски утврдената основица, редовните усогласувања на пензиите, како и претходните линеарни зголемувања од вкупно 7.000 денари.

Така, иако се користи терминот „минимална пензија“, во практика не станува збор за единствен износ што го добиваат сите корисници.