ПРВ.мк
Македонија

НАЈНОВО: Реки излегуваат од коритата низ Македонија – евакуации, затворени патишта и критични точки во повеќе региони

НАЈНОВО: Реки излегуваат од коритата низ Македонија – евакуации, затворени патишта и критични точки во повеќе региони
Kristal

Обилните врнежи предизвикаа сериозни проблеми на повеќе локации низ Македонија, каде неколку реки се излеаја од своите корита, а надлежните служби интервенираат на терен со механизација и итни мерки за заштита.

Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка Река на локалниот пат кон селото Мренога, сообраќајот е целосно затворен. Излевање е пријавено и кај селото Обедник, како и меѓу селата Обедник и Смилево. ЈП „Комуналец“ и локалните служби интервенираат со проширување на речното корито, а состојбата ја следат РЦУК и Општина Демир Хисар.

Во Општина Долнени, во селото Лажани пријавена е штета во дворови и приземни простории, додека во Пешталево поплавите се резултат на неисчистени одводни канали. Таму е интервенирано со градежна механизација.

Критично е и во Охрид, каде реката Сушица се излеала на повеќе места, при што се поплавени дворови и подруми. Кризниот штаб и ЈП „Охридски Комуналец“ работат на насипување и проширување на коритото. Кај селото Вапила, реката Далјан го оштетува патот под мостот, а е евидентирано и свлечиште на потегот Лескоец – Скребатно.

Во Струга, поплавени се дворови и куќи на Мислешевски пат, како и во селата Мислешево и Калишта. ТППЕ Струга интервенира со пумпи, а ангажирана е и тешка механизација. Општината е постојано информирана за состојбата.

Во Дебар, реката Радика има зголемено, но стабилно ниво и засега нема излевање. Патиштата се проодни, а се расчистуваат помали одрони.

Најтешка е состојбата во Кичево, каде реките Зајашка и Треска имаат зголемени водостои. Иако се под нивото на излевање, критична е улицата Прилепска. Околу 150 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде се згрижени од Општината и Црвениот крст.

На потегот Гостивар – Тетово, на патот Тумчевиште – Чегране има вода на коловозот и истиот е оценет како небезбеден. За состојбата се известени полицијата и локалните самоуправи.

Во останатите региони, водостоите се зголемени, но засега нема излевања или поголеми нарушувања. Надлежните апелираат на претпазливост, особено во близина на реки и критични патни правци.

FixCredit
Escape