Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави два нови проекта насочени кон модернизација на полициското работење и зголемување на заштитата на жртвите на семејно насилство.
Жртвите ќе добијат можност преку видеоповик директно да комуницираат со Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи, со што ќе можат да ја документираат состојбата до пристигнувањето на полицијата. Снимените материјали ќе можат да се користат и како докази во кривичните постапки.
Полициски камери со вештачка интелигенција
Полициските службеници ќе бидат опремени со современи боди камери, кои ќе овозможуваат директен пренос на видеосигнал до командните центри, превод во реално време на повеќе од 40 јазици и примена на вештачка интелигенција.
Тошковски посочи дека полициските службеници кои нема да ги користат камерите ќе сносат последици.
Во моментов пилот-проектот се реализира во Велес, а целосната имплементација на територијата на Македонија е предвидена до средината на 2027 година.
Засилена институционална борба против семејното насилство
Според податоците што ги презентираше министерот, годинава во Скопје биле поднесени 506 кривични пријави поврзани со семејно насилство, наспроти 280 во 2025 година.
Зголемувањето, според Тошковски, делумно се должи на законските измени со кои семејното насилство со лесна телесна повреда се гони по службена должност.
На територијата на Македонија, заклучно со 25 ноември годинава, биле изречени 102 притвори и 168 итни мерки во случаи на семејно насилство.
Тошковски нагласи дека справувањето со семејното насилство бара координиран и ефикасен одговор од сите надлежни институции.







