Во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари попладнево е целосно прекинато снабдувањето со електрична енергија, што предизвика загриженост и бројни реакции во јавноста. До редакцијата на „Инфомакс“ пристигна информација дека од околу 17:00 часот, најголемиот казнено-поправен дом во државата останал без струја.
Според неофицијални информации, во моментот не функционираат ниту резервните агрегати за електрична енергија, што дополнително ја усложнува состојбата во установата. Граѓани реагираат и прашуваат дали станува збор за заштеда на електрична енергија преку исклучување на струја во државни институции, меѓу кои и затворот „Шутка“.
Од ЕВН за „Инфомакс“ потврдија дека информацијата е точна и дека затворот „Скопје“ од 17:00 часот навистина е без електрична енергија. Од компанијата информираат дека дефектот е пријавен и дека нивни екипи веќе се на терен и работат на отстранување на проблемот.
Како причина за прекинот на електричната енергија е наведена хаварија на далновод, поради што дошло до целосен прекин на снабдувањето. Надлежните служби засега не соопштуваат кога точно се очекува нормализирање на состојбата.

















