Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати итен апел до сојузниците за дополнителна муниција за противвоздушна одбрана, откако интензивните руски напади ја доведоа Украина во една од најтешките зимски кризи од почетокот на војната. Нападите врз енергетската инфраструктура оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење, додека температурите се движат околу нулата.
По пристигнувањето во Вилнус, Зеленски објави алармантни податоци за обемот на руските напади. Само во текот на изминатата недела, Русија лансирала повеќе од 1.700 борбени дронови, над 1.380 водени бомби и 69 ракети од различен тип. Според него, ваквиот интензитет на напади ја прави воздушната одбрана апсолутен приоритет за опстанокот на цивилното население.
Зеленски нагласи дека ракетите за системите за противвоздушна одбрана се неопходни секој ден и дека Украина продолжува со интензивни разговори со САД и европските земји за зајакнување на заштитата на украинското небо. Поради сериозната штета врз енергетската мрежа, тој прогласи вонредна состојба во енергетскиот сектор.
Најкритична е ситуацијата во главниот град. Според информациите од градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, по нападот на 24 јануари, без греење останале 1.676 големи станбени згради. Поради неможноста за нормално функционирање и ризикот по здравјето на граѓаните, околу половина милион жители биле принудени да го напуштат градот.
Говорејќи за можноста за мировен договор, Зеленски беше дециден дека Украина нема да се откаже од ниту еден дел од својата територија. Тој истакна дека неговиот став по ова прашање останува непроменет, без оглед на притисоците и тешката ситуација на терен.
Истовремено, украинскиот претседател откри дека документот за безбедносни гаранции од страна на САД за Украина е целосно подготвен. Според него, документот е завршен во целост и Киев чека сигнал од партнерите за датумот и местото на потпишување, што би можело да претставува клучен чекор во идната безбедносна архитектура на земјата.

















