Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, повторно ги заостри односите со северниот сосед, заканувајќи се со воведување драстични 100-процентни царини за сите стоки и производи увезени од Канада доколку таа продолжи со спроведување на трговскиот договор со Кина.
Во остра објава на својата социјална мрежа Truth Social, Трамп порача дека канадскиот премиер Марк Карни „длабоко греши“ ако смета дека Канада може да стане „пристаниште за претовар“ преку кое кинеските производи ќе влегуваат на американскиот пазар.
Американскиот претседател предупреди дека таков потег би имал катастрофални последици за Канада, тврдејќи дека Кина ќе ја „проголта целата држава“, ќе ги уништи канадските бизниси, ќе го разори општественото ткиво и ќе го загрози начинот на живот во земјата. Според Трамп, секој обид Канада да склучи или спроведе договор со Пекинг автоматски ќе значи активирање на максимални царини за сите канадски производи што влегуваат во САД.
Заканата доаѓа во момент кога Канада овој месец постигна договор со Кина со кој се намалуваат царините за кинеските електрични возила, додека Пекинг, за возврат, ги намалува увозните давачки за канадските земјоделски производи. Иако Трамп веќе повеќе од една година води повеќефронтална трговска војна со низа земји, овој потег на Канада очигледно дополнително ги зголеми тензиите меѓу двете држави.
Односите меѓу Трамп и Карни во последно време се сè понапнати, а ситуацијата дополнително се комплицира со иницијативата на американскиот претседател за преземање на Гренланд, што предизвика сериозни реакции и загриженост во рамките на НАТО.
За време на неговиот престој во Давос, Швајцарија, Трамп изјави дека „Канада преживува благодарение на Соединетите Американски Држави“, по што ја повлече и поканата до Марк Карни да стане дел од неговиот новоформиран „Комитет за мир“.
Инсистирањето на Трамп околу Гренланд следува по неговите претходни контроверзни изјави со кои го доведуваше во прашање канадскиот суверенитет, па дури и јавно предложи Канада да стане 51-ва сојузна држава на САД, што дополнително ги разгоре политичките и дипломатските тензии меѓу двете земји.

















