Денеска се одржа конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, при што премиерот Христијан Мицкоски истакна дека ова не е само формалност, туку јасна порака дека државата системски и бескомпромисно се спротивставува на криминалот и корупцијата.
„Оваа Влада ја започна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Во моментов повеќе од 50 предмети за висока корупција се во постапка – случаи кои со години биле затскриени, одложувани или игнорирани. Но ова не е крај, туку почеток. Очекуваме отворање на нови случаи, темелни истраги и резултати кои ќе ја вратат довербата на граѓаните во државата и институциите“, нагласи Мицкоски.
Премиерот потенцира дека во борбата против корупцијата нема селективна правда и недопирливи: „Украденото мора да се врати кај народот. Денес поставуваме темели на систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, а борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика. Институциите треба да работат во интерес на граѓаните, а не во заштита на поединци.“
Мицкоски додаде дека ова е борба за правна држава, доверба и достоинство на граѓаните и дека Владата нема да отстапи од овој пат.

















