Премиерот Христијан Мицкоски објави нова клучна реформа – во јавната администрација повеќе нема да има вработувања по пријателска или партиска линија.
Со целосната имплементација на Информациониот систем за управување со човечки ресурси, Владата воведува ред, транспарентност и одговорност.
„Повеќе нема кумови, пријатели и советници по заслуга. Сега има податоци, перформанси и отчетност,“ порача Мицкоски, нагласувајќи дека за првпат државата има целосна слика за секој вработен – каде работи, со какви квалификации, по кој основ, и со каква плата.
Мицкоски жестоко ја критикуваше претходната власт, велејќи дека оставила „мрежа на влијанија и местенки“ наместо функционален систем.
„Тој модел го рушиме од корен. Градиме нов – праведен, транспарентен и контролиран систем. Администрацијата не смее да биде партиска каса, туку сервис за граѓаните,“ рече тој.
Како дел од оваа дигитална трансформација, најави и идни автоматизирани процеси, кои ќе овозможат модерна и ефикасна државна управа, според европски стандарди.
„Граѓаните бараат резултати, не изговори. Нашата цел е ефикасна, отворена и професионална администрација – затоа што таа е лицето на државата,“ порача премиерот, најавувајќи дека ова е само почеток на поширока дигитална реформа.