ПРВ.мк
Македонија

АЛАРМ ОД МИНИСТЕРСТВОТО – Под засилена опсервација четири опасни заболувања!

АЛАРМ ОД МИНИСТЕРСТВОТО – Под засилена опсервација четири опасни заболувања!

На последната седница на Комисијата за заразни болести била анализирана актуелната состојба со заболувањата што се пренесуваат преку инсекти, соопшти Министерството за здравство.

Под засилен здравствен надзор во моментов се маларијата, денгата, зика вирусот и западно-нилската треска.

По двегодишен период без регистрирани случаи на маларија, годинава се потврдени четири случаи, сите кај туристи кои престојувале во Занзибар и на Малдивите. Дополнително, евидентирани се три случаи на денга и еден случај на зика, при што и овие лица претходно патувале на Малдивите. Станува збор за возрасни пациенти со придружни заболувања.

Од Министерството апелираат граѓаните кои патуваат во тропски земји строго да ги почитуваат препораките на Светската здравствена организација во однос на вакцинацијата и превентивните мерки.

Воедно, до матичните лекари ќе биде испратена препорака при прегледите задолжително да прашуваат дали пациентите во последниот месец престојувале во тропски подрачја, со цел навремено препознавање, дијагностицирање и лекување на евентуалните случаи.

Во однос на западно-нилската треска, досега во земјава се регистрирани осум случаи, од кои два се евидентирани во текот на јуни. И кај овие пациенти, според Министерството, станува збор за повозрасни лица со придружни заболувања.

Надлежните информираат дека во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат се издадени насоки до општините за контрола на спроведувањето и опфатот на дезинсекцијата.